ВРЕМЕ Е ЗА ПРОТЕСТИ, ВРЕМЕ Е ЗА УЛИЦА, ВРЕМЕ Е ЗА РАБОТНИЧКА БОРБА ЗА ПОВИСОКИ ПЛАТИ!
На 28 јануари, во 17 часот ќе се одржи ПРОТЕСТ од пред Работнички дом до Собранието, Стопанската комора и Влада
На вчерашната седница одржана на 21.01.2026 година на Советот и на Претседателството на Сојузот на синдикатите на Македонија во проширен состав на кој учествуваа огромен број на синдикални активисти, едногласно беше донесена Одлука дека на 28 јануари, среда со почеток во 17 часот излегуваме на улица.
Време е да се избориме за достоинствени плати заедно со работниците и за таа цел ги повикуваме сите работници на кои не им биле зголемени платите, ги повикуваме сите работници кои се чудат како да го врзат крајот со крајот на овој месец, ги повикуваме сите работници кои ги лажеле нивните газди и менаџери, директори, функционери, премиери, министри итн., дека ќе им ги зголемат платите, а не им го сториле тоа да ни се придружат.
Ги повикуваме работниците затоа што прагот на сиромаштијата е 31.200 во Македонија, а 33% од 540 илјади работници живеат со плата под прагот на сиромаштијата или одат на работа, а се сиромашни.
Се гледаме на Протест!




