Во завршната фаза од имплементацијата на проектот E.A.T.S (Зајакнување на земјоделско-прехранбениот синџир преку социјален дијалог), на 23.04.2024 година во Софија се одржа последната работилница на партнерите од 16 европски синдикални федерации и организации. Домаќини на настанот беа ФНСЗ од Бугарија и Агро-Синдикат од Македонија.
Меѓу поканетите учесници беа претставници на Министерството за земјоделство од Бугарија, организации на работодавачи, претставници на научната заедница на Бугарија и Македонија, истражувачи од ISSIO и истакнати синдикалисти.
Проектот има за цел да го зајакне европскиот синџир на земјоделско-прехранбени производи, социјалниот дијалог и индустриските односи во секторите земјоделство и прехранбена индустрија преку идентификување, споделување и промовирање на добри практики кои веќе постојат во земјите партнери.
Работилница во Бугарија беше одлична можност за синдикатите од Бугарија и Македонија повторно да ја покренат темата за занемарувањето на социјалниот дијалог и социјалната правда во земјоделско-прехранбениот сектор во регионот на Југоисточна Европа и да го свртат вниманието на засегнатите страни на потенцијалот на социјалниот дијалог како ефективна алатка за спречување на кризи и решавање на конфликти во општеството.
На конференцијата беа покренати и важните прашања од европската агенда за праведна транзиција и цената за оние кои работат во агро-прехранбениот синџир.
Претседателката на ФНСЗ, Валентина Василионова во својот поздравен говор истакна: “„Ќе ја претставиме нашата синдикална визија за европското земјоделство, какво сакаме да го видиме утре и каде се работниците во него, во правичната транзиција и во следните 10 години. Овој проект го потврдува социјалниот дијалог во Европа.”
Претседателот на Агро-Синдикат, Игор Китаноски истакна: “Во последните децении, Македонија се обидува да ја развива и унапредува својата економија и индустрија. Но, клучното прашање беше како да се одржи балансот помеѓу продуктивноста на пазарот и зачувувањето на правата и интересите на работничките организации и работниците. Во овој контекст, социјалниот дијалог зазема централно место во формирањето на индустриските односи и во одржувањето на рамнотежа помеѓу различните страни.”.
Говорниците рекоа: „Треба да биде јасно дека кој ќе се обиде да го игнорира социјалниот дијалог ќе ги сноси политичките, личните и моралните последици“.
Во рамките на работилницата, Мохамед Саади, национален секретар на ФАИ Цисл од Италија и водач на проектот, изјави: „Си поставивме цел да дадеме поинаква дефиниција за социјален дијалог од онаа на која сме навикнати. Да се даде дополнителен поттик на социјалната активност со различни гледишта што ќе ги презентираат различните партнери. Многу често земаме здраво за готово дека нашите синдикални убедувања се исти, дека имаме исти цели. Ќе се обидеме да користиме модели и алатки кои го дефинираат новото синдикално искуство за да одговориме на новите предизвици што ни се појавуваат, како на европско така и на национално ниво. Работилниците ни дадоа можност да создадеме слика на држави и синдикати преку нашите постапки, со социјална комуникација“.
Главните задачи на кои работеа партнерите во рок од 24 месеци се:
– Подигнување на свеста на синдикатите, европските компании, работниците и потрошувачите.
– Зајакнување на капацитетот и свеста на социјалните партнери од земјоделско-прехранбениот синџир за нивните можности позитивно да влијаат на националните системи за индустриски односи во земјоделството и преработката на храна.
– Собирање, анализа и ширење на најдобрите практики на социјалното партнерство.
– Развој и дисеминација на насоки за подобрување на социјалниот дијалог.
– Промовирање на различен модел на економски развој заснован на поправедна распределба на вредноста долж синџирот на снабдување со земјоделско-прехранбени производи и одржлив, инклузивен, легален и безбеден земјоделско-прехранбен сектор.