За Нас
АГРО-СИНДИКАТ
Синдикат на работниците од агроиндустрискиот комплекс на Република Македонија
Агро-Синдикат е самостојна, демократска и независна организација, во која доброволно членуваат работниците од земјоделството, прехрамбената и тутунската индустрија и водостопанството (наводнување и одводнување на земјоделско земјиште), како и индивидуални земјоделци, пензионери и студенти. Се зачленуваат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси. Синдикатот е посебна форма на невладина организација, која е уредена со Законот за работни односи. Во Централниот Регистар на РМ е заведена под дејност 91,40 – дејности на синдикатите. Репрезентативност Агро-Синдикатот делува на целата територија на Република Македонија. Како репрезентативен грански синдикат за уредување на правата на работниците од агроиндустрискиот комплекс, Агро-Синдикатот активно учествува во преговарањето, колективното договарање и социјалниот дијалог на сите нивоа во државата. Што значи репрезентативност на синдикат? – Според членовите 211 и 212 од Законот за работни односи, репрезентативност на синдикат се определува заради учество во колективно договарање на ниво на гранка, односно оддел. Репрезентативен синдикат на ниво на гранка, односно оддел е синдикат кој е запишан во регистарот кој го води министерството надлежно за работите од областа на трудот и во кој се зачленети најмалку 20% од бројот на вработени во гранката, односно одделот.
ОРГАНИ И ТЕЛА
Органи и тела на управување во АГРО-СИНДИКАТ
Конгресот е највисок орган на Агро-Синдикатот.
Конгресот го сочинуваат делегати непосредно избрани во подружниците на Агро-Синдикатот.
Во работата на Конгресот учествуваат, со статус на делегати и членовите на постојните органи на Агро-Синдикатот, но без право да гласаат за извештаите и разрешницата на органите.
Конгресот на Агро-Синдикатот се одржува на секои пет години.
Датумот, местото, дневниот ред и бројот и составот на делегатите го утврдува Советот на Агро-Синдикатот, со посебна одлука.
Мандатот на избраните делегати трае до следниот Конгрес.
Евидентирањето, предлагањето, утврдувањето на начинот на избор и бројот на делегатите на Конгресот и членовите на органите на Синдикатот ги утврдува Советот на Агро-Синдикатот со посебна одлука, од членовите на Агро-Синдикатот кои му плаќаат членарина во годината пред донесувањето на одлуката за одржување на Конгресот.
Вонреден Конгрес може да се свика по иницијатива на Советот на Агро-Синдикатот, а по барање на мнозинство од подружниците на Агро-Синдикатот, односно во подружниците во кои членуваат со над 2/3 од членовите кои плаќаат членарина во Агро-Синдикатот.
Одлука за датумот и местото на одржување на Конгресот, како и предлог за дневен ред, донесува Советот на Агро-Синдикатот.
Конгресот на Агро-Синдикатот ги врши следниве работи:
- донесува Деловник за работа;
- утврдува и врши избор на работни тела на Конгресот;
- расправа и го усвојува Извештајот за работа меѓу двата конгреса на Советот на Агро-Синдикатот, Извештајот на Надзорниот одбор и Статутарната комисија;
- го разрешува Советот, Надзорниот одбор, Статутарната комисија и Претседателот;
- утврдува Програма за работа на Агро-Синдикатот за следните пет години;
- го донесува Статутот на Агро-Синдикатот, односно врши измени и дополнувања;
- избира Претседател на Агро-Синдикатот и избира членови на Надзорниот одбор и Статутарната комисија и врши избор на членови на Советот на Агро-Синдикат или го верификува мандатот на членовите кои според овој Статут се членови на Советот;
- одлучува за сите барања упатени до Конгресот.
За да работи Конгресот, потребно е присуство на 2/3 од делегатите на Конгресот, а одлуките се полноважни ако за нив се изјасни мнозинството од делегатите.
Во услови кога е прогласена воена или вонредна состојба, кризна состојба, елементарни непогоди, пандемии, виша сила, донесени Одлуки со кои се ограничува можоста за организирање на собири, седници и др., од страна на надлежен државен орган или институција (Претседател на Државата, Собрание, Влада или др.) во годината во која согласно Сататутот на Агро-Синдикат се спроведуваат изборни активности и се одржува Конгрес на Агро-Синдикат, одржувањето на Конгрес на Агро-Синдикат се одлага, а Конгрес на Агро-Синдикат ќе се одржи кога ќе престане прогласената воена или вонредна состојба, кризна состојба, елементарни непогоди, виша сила, донесени Одлуки со кои се ограничува можоста за организирање на собири, седници и др., од страна на надлежен државен орган или институција (Претседател на Државата, Собрание, Влада или др.)“, односно кога ќе се создадат соодветни услови за тоа.
Советот на Агро-Синдикатот е највисок орган кој работи и дејствува меѓу два конгреса.
Советот на Агро-Синдикатот го сочинуваат Главните синдикални претставници на
сите синдикални подружници во составот на Агро-Синдикат, (со исклучок на Главните синдикални претставници кои се членови/заменици на Надзорниот Одбор или Статутарната Комисија, како и Главни синдикални претставници од новоформирани синдикални подружници) и Претседателот на Агро-Синдикат, кој е член на Советот по функција и претставува Претседател на Советот на Агро-Синдикат.
Секретарот на Советот на Агро-Синдикат учествува во работата на Советот, без право на глас.
Советот на Агро-Синдикатот ги остварува функциите утврдени со овој Статут и дејствува врз основа на програмската ориентација и политика на Агро-Синдикатот, ставовите и одлуките на Конгресот на Агро-Синдикатот.
Советот за својата работа е одговорен пред Конгресот на Агро- Синдикатот.
Доколку во периодот меѓу два конгреса дојде до престанок на мандатот на член на Советот поради кој било основ, на негово место се верифицира мандатот на Главниот синдикален претставник од синдикалната подружница од која бил избран членот на кого му престанал мандатот.
Советот на Агро-Синдикатот ги врши следниве работи на предлог на Претседателството, друг орган на Агро-Синдикатот и/или самостојно:
- донесува Деловник за работа;
- донесува Програма за работа;
- донесува Правилник за организација и начин на работа на Агро-Синдикатот и неговите тела;
- донесува Правилник за финансиско-материјално работење на Агро-Синдикатот;
- донесува Правилник за избори и отповикување;
- донесува Правилник за работа во Солидарен Фонд;
- донесува Правила за штрајк;
- донесува одлука за висината и начинот на распределба на членарината;
- донесува одлука за потпишување на гранските колективни договори и ја утврдува цената на трудот;
- ги разгледува предлог законите од интерес на Агро-Синдикатот;
- расправа за организирање на индустриски акции;
- врши измени и дополнувања на Статутот до 1/3;
- го утврдува предлог Статутот на Агро-Синдикатот;
- избира членови на Претседателството на Агро-Синдикатот
- врши именување и разрешување на Секретарот, по предлог на Претседателот на Агро-Синдикат;
- донесува одлука за бројот и структурата на органите на Агро-Синдикатот;
- распишува и спроведува избори по Правилникот за избори и отповикување;
- утврдува кандидат за Претседател на Агро-Синдикатот;
- избира делегати за Конгресот и членови во Советот на ССМ;
- врши дополнителни избори за членови на сите органи и тела на Агро-Синдикатот;
- утврдува кандидати за Претседател на ССМ;
- донесува и други одлуки од интерес на членството.
Советот на Агро-Синдикатот учествува во утврдувањето на политиката на ССМ.
Претседателството е извршен орган на Советот на Агро-Синдикатот.
Бројот и составот на Претседателството го утврдува со посебна одлука Советот на Агро-Синдикатот.
Член на Претседателството по Функција е Претседателот на Агро-Синдикатот.
Претседателството за својата работа е одговорно пред Советот на Агро-Синдикатот.
Секретарот на Советот на Агро-Синдикатот учествува во работата на Претседателството.
Претседателството ги врши следниве задачи:
- донесува Деловник за работа на претседателството на Агро-Синдикатот;
- ги спроведува одлуките и заклучоците на Советот на Агро-Синдикатот, на Надзорниот одбор и Статутарната комисија;
- изготвува, преговара и склучува колективни договори на гранско ниво;
- дава предлози за разгледување и одлучување на Советот на Агро-Синдикатот;
- го утврдува предлог-планот за активностите на Советот на Агро-Синдикатот;
- го разгледува предлог-финансискиот план и завршната сметка и ги доставува на Советот на Агро-Синдикатот на усвојување;
- изготвува програма за едукација на членовите на Агро-Синдикатот;
- покренува постапка и предлага мерки за разрешување на прашања од интерес на членството пред надлежните органи;
- предлага програма за меѓународна соработка;
- ја организира заштитата на правата на работникот од работен однос и организира давање на правна помош;
- носи одлука за зачленување и организирање на нови членови;
- ги подготвува материјалите, предлог одлуките и другите документи за седница на Советот на Агро-Синдикатот;
- завзема ставови и дава мислења по актуелни состојби;
- утврдува ставови по сите прашања од интерес за членството кои треба да се спроведуваат;
- создава услови за синдикално организирање на работници кои не биле организирани во претпријатието, особено оние кои работат во помали претпријатија од сите видови на сопственост;
- организира спортско-рекреативни натпревари и други средби на работниците;
- донесува и други одлуки од интерес на членството;
- во исклучителни случаи може да одлучува и донесува ставови и заклучоци од надлежност на Советот на Агро-Синдикатот, но на прва наредна Седница да го известо Советот на Агро-Синдикатот;
- дава предлози за Претседател на Агро-Синдикатот, Секретар на Советот на Агро-Синдикатот и Претседател на Советот на ССМ;
- може да одлучува за доделување награди и признанија за исклучителни активности на членовите и активистите на Агро-Синдикатот;
- може да одлучува и во други случаи.
Надзорниот одбор е орган на Агро-Синдикатот и се состои од 3 члена и 3 заменици на членовите.
Членовите на Надзорниот одбор од својот состав избираат Претседател и заменик.
Членовите на Надзорниот одбор и замениците на членовите не можат да бидат членови на Советот на Агро-Синдикатот и Претседателството.
За член и заменик член на Надзорниот одбор на Агро-Синдикатот може да биде избрано лице кое најмалку 5 години пред одржување на Конгресот е активен член на Агро-Синдикатот и за тоа време уплатува синдикална членарина согласно Статутот.
Надзорниот одбор ги има следниве надлежности:
- врши контрола на финансиско-материјалното работење, распределбата и употребата на финасиските средства и користењето на имотот на Агро-Синдикатот, утврдено со Правилникот за финансиско-материјално работење на Агро-Синдикатот;
- врши контрола на финансиско-материјалното работење на подружниците на Агро-Синдикатот;
- за извршената контрола составува записник и истиот го доставува до Претседателството и Советот на Агро-Синдикатот;
Надзорниот одбор има право на увид во целокупната документација со која се докажува правилноста на целокупното финансиско-материјално работење, користењето на имотот и спроведување на одлуките на органите на Агро-Синдикатот.
Надзорниот одбор за својата работа му поднесува извештај на Советот на Агро-Синдикатот.
Статутарната комисија е орган на Агро-Синдикатот и се состои од 5 члена.
Изборот на членовите на Статутарната комисија го врши Конгресот на Агро-Синдикатот.
Статутарната комисија ги има следните надлежности:
- од редот на своите членови избира Претседател;
- Претседателот на Статутарната комисија раководи со состаноците на Комисијата и учествува во арбитражата за примената на овој Статут;
- работи на основа на овој Статут и Деловник за работа. За својата работа е одговорен пред Советот и Конгресот на Агро-Синдикатот;
- одлучува со мнозинство на гласови од членовите на Комисијата;
- за член на Статутарната комисија се бира лице кое е активен член најмалку 5 години пред одржувањето на Конгресот на Агро-Синдикатот и за тоа време уплатува членарина согласно Статутот;
- дава толкување на овој Статут;
- ја следи примената на Статутот и предложува измени и дополнувања;
- решава и разгледува жалби од статутарен карактер;
- ја оценува усогласеноста на одредбите на другите акти на Агро-Синдикатот со одредбите на Статутот;
- поднесува извештај за својата работа на Претседателството, Советот и Конгресот на Агро-Синдикатот;
- врши други работи во врска со примената на овој Статут.
Претседателот на Агро-Синдикатот го претставува и застапува Агро-Синдикатот и остварува соработка со надворешни органи и институции во Републиката и пошироко.
Претседателот на Агро-Синдикатот го избира Конгресот. Претседателот својата функција ја извршува професионално.
Претседателот на Синдикатот по функција е член и Претседател на Советот на Агро-Синдикатот и Претседателството.
За Претседател на Агро-Синдикатот може да биде избрано лице кое најмалку 5 години пред одржување на Конгресот е активен член на Агро-Синдикатот и уплатува синдикална членарина согласно Статутот.
Претседателот ги извршува следниве работи:
- Пред надлежните државни органи покренува постапки и предлага мерки за решавање на економските, социјалните и други интереси на членството;
- иницира активности и предлага мерки по актуелни прашања од интерес на членството;
- претседава со седниците на органите и телата, и донесените одлуки и заклучоци ги реализира преку стручната служба;
- ги координира активностите на органите и телата на Агро-Синдикатот;
- се грижи за спроведување на Програмата и Статутот;
- иницира активности за актуелни прашањаостварува соработка со органите од политичката и извршната власт во Република Северна Македонија, како и со други организации од Републиката;
- наредбодател е на стручната служба на Агро-Синдикатот;
- ги потпишува гранските колективни договори и колективните договори на ниво на работодавач;
- именува регионални претставници;
- учествува во реализацијата на програмата за меѓународна соработка;
- соработува со другите синдикати во ССМ и учествува во органите и телата на ССМ;
- управува со финансиските средства и имотот на Агро-Синдикатот;
- врши и други работи во согласност со овој Статут;
- за својата работа е одговорен пред Конгресот, и Советот на Агро-Синдикат;
- се избира за мандат од 5 години со можност за повторен избор;
- го заменува лице од Претседателството кое тој ќе го овласти.
Советот именува Секретар на Советот на Агро-Синдикатот, по предлог на Претседателот, и учествува во работата на Советот на Агро-Синдикат.
Секретарот на Советот функцијата ја извршува професионално.
За секретар на Советот на Агро-Синдикатот може да биде именувано лице кое најмалку 5 години пред одржување на Конгресот е активен член на Агро-Синдикатот и за тоа време уплатува синдикална членарина согласно Статутот.
Секретарот на Советот на Агро-Синдикатот ги врши следниве работи:
- ги подготвува седниците на органите и телата на Агро-Синдикатот, учествува во нивната работа и ги реализира и спроведува одлуките и заклучоците на органите и телата;
- ги реализира Програмата и Статутот на Агро-Синдикатот;
- ги координира активностите на регионалните преставништва, секциите на млади и жени и други помошни тела на Агро-Синдикатот;
- навремено го информира членството и јавноста за ставови, одлуки и активности на Агро-Синдикатот, по пат на соопштенија, интернет страница, социјални медиуми, јавни средства за информирање и други начини;
- го организира работењето на стручната служба;се грижи за реализирање на Правилниците во Агро-Синдикатот;
- ја реализира меѓународната програма;
- врши и други работи за потребите на Агро-Синдикатот.
За својата работа Секретарот на Советот е одговорен пред Претседателот и Советот на Агро-Синдикатот и за своето работење е обврзан да се координира со Претседателот и редовно да го известува за сите преземени дејствија.
Подружниците на Агро-Синдикатот избираат преставници за жени и млади, и истите учествуваат во работата на одборот на подружницата.
Во рамките на Агро-Синдикатот се формираат секции на жени и млади на ниво на гранка кои ги сочинуваат сите избрани претставници на жени и млади на ниво на подружница.
Во секциите за жени и млади на ниво на гранка се избираат овластени претставници кои учествуваат во работата на Советот на Агро-Синдикатот без право на глас.
СТРУЧНА СЛУЖБА
Игор Китаноски
Претседател
Игор Китаноски
Претседател
- Phone:+389 xx xxx xxx
- Email:info@agrosindikat.mk
Марија Бакарџиева
Генерален секретар
Марија Бакарџиева
Генерален секретар
- Phone:+389 xx xxx xxx
- Email:info@agrosindikat.mk
Татјана Томовска
Стручен соработник
Татјана Томовска
Стручен соработник
- Phone:+389 xx xxx xxx
- Email:info@agrosindikat.mk
ВИЗИЈА И МИСИЈА
Агро-Синдикатот на Република Македонија со репрезентативност и солидарност за членовите и работниците од агроиндустрискиот комплекс, со сопствени обучени и професионални кадри им овозможува на своите членови да ги уживаат работничките права, како и со колективно преговарање, социјален дијалог и влијание да го олесни имплементирањето на законите од социјалната сфера и колективните договори. Нашата визија е Агро-Синдикатот да биде препознатлива и влијателна организација, рамноправен партнер во социјалниот дијалог и колективното преговарање во Република Македонија, во решавање на сите проблеми на членовите и работниците од агроиндустрискиот комплекс кои произлегуваат од работен однос и во континуирано унапредување на нивните права.